от в-к "Дневник":
Вечерва на самуиловата тврдина
Премиера на "Македонски Фауст"
Претставата на Младен Србиновски, автор на текстот, и на режисерот Сашо
Миленковски предизвика големо претпремиерно интересирање и кај културната и кај
политичката јавност
На Самуиловата тврдина во Охрид, вечерва во 23 часот премиерно ќе биде изведена
театарската претстава „Македонски Фауст“ од Младен Србиновски, во режија на Сашо
Миленковски. Проектот - прв во продукција на Центарот за развој на урбана култура „Бабилон“
од Скопје, кој го формира Миленковски - веќе доволно го испровоцира интересирањето на
јавноста: со темата (Венко Марковски), со финансиите (министерот лично ќе вложи во
реализацијата), итн. Се очекува премиерата да ја следат високи државни и партиски
функционери.
Првата изведба на „Македонски Фауст“ требаше да биде во вторникот, но авторите на
прес-конференција објаснија дека одложувањето е поради лошото време. Тие најавија и што ќе
се случува вечерва на Самуиловата тврдина, и подоцна во Универзалната сала во Скопје, каде
што ќе се игра претставата.
Србиновски пишува дека „Македонски Фауст“ нема за цел да рехабилитира и да брани, уште
помалку да осудува, а најмалку да прекопува туѓи коски и да ги закопува на наши гробишта.
„Венко Марковски нека почива како што почива. Ова е обид со помош на Гете и ние да
излеземе од историјата и да влеземе во постисторијата, во естетиката со театар и со
постмодерно есеизирање за сопствените колективни трауми“.
Сценографијата на Кире Јовановски е најскапиот дел од проектот - претставата ќе се игра на
сцена-брод, што треба да се дига со хеликоптер. Се зборуваше дека станува збор за една од
најскапите претстави, гласина што беше демантирана од режисерот Миленковски. Тој е член на
Комисијата за театар, а Србиновски претседател на Комисијата за издаваштво при ресорното
министерство - факти што дополнително ги потхранија претпоставките за можно „искористување“
државни пари. Сй уште не се знае колку пари се потрошени за „Македонски Фауст“ - колку и
дали дал лично министерот за култура, повикувајќи се на правото што му го дава Законот, колку
дале спонзорите итн.
Во „Македонски фауст“ ќе настапат актери од разни театри - Бранко Ѓорчев, Јелена Жугиќ,
Владе Талевски, Митко Апостоловски, Николина Кујача, Нино Леви, Дејан Лилиќ, Јордан
Симонов, Мирче Доневски, Калина Наумова, Драган Довлев, Владимир Ендровски и
Александар Микиќ. Костимите се на Александар Ношпал, музиката на Венко Серафимов, а
Синиша Ефтимов му беше асистент на режисерот Миленковски.